Хотел Даљан е угостителски објект на брегот на Охридското езеро кој припаѓа на Националниот сојуз на глуви и наглуви. Тоа е одморалиште за лица со секаков вид попреченост, кое исто така вработува лица со попреченост. Со оглед на тоа дека половина од вработените се глуви или наглуви целиот персонал го користи знаковниот јазик. Овој пример за социјална иновација е интересен не само по оригиналниот концепт туку и по иновативните начини за комуникација во склоп на хотелот каде покрај знаковниот јазик и светлосните сигнали имаат улога во ефикасно функционирање.
Потребно е многу повеќе од поставување на рампа за колички за да се создаде средина подобна за луѓе со попреченост
„Хотел Даљан работи на овој принцип веќе 15 години. Идејата беше од една страна да се вработат лицата со попреченост, а од друга страна да се понуди пријатна атмосфера за одмор каде што лицата со попреченост нема да ја почувствуваат истата, туку ќе се чувствуваат како и секое друго лице кога е на одмор. Многу сме горди на постигнатото, потребна е многу работа, посветеност, енергија и многу љубов за вистински да го разбереш светот на тишината. Бидејќи ако не го разбираш тој свет не можеш ниту да работиш со луѓе кои се соочуваат со оваа попреченост, ниту пак да создадеш вистинска средина за одмор. Потребно е многу повеќе од поставување на рампа по која можат да се движат колички за да се создаде средина подобна за луѓе со попреченост. Ние се трудиме луѓето со секаков вид попреченост да бидат комотни во нашето одморалиште. Затоа среќни сме што хотел Даљан е навистина многу активен, од луѓе дојдени на одмор со своите семејства, па се до организации на риболовни активности, манифестации…“ – Славица Стефаноска, менаџер на хотел Даљан и секретар на Здружението за глуви и наглуви лица.
Во хотел Даљан може да дојде секој, не само лицата со попреченост – овдека љубезноста и топлината се надополнуваат со многу зеленило и убавините на Охридското езеро.