„Копче“ е социјално претпријатие каде што секој може да донира, да купи уникатно парче облека од втора рака по најповолни цени или пак истата да ја добие бесплатно. „Копче“ е развиенo и функционира во рамки на Црвен крст на Република Северна Македонија – Црвен крст на град Скопје како резултат на долгогодишно работење во областа на донирањето на облека и дистрибуција на истата до најзагрозените. „Копче“ овозможува поефикасен систем на дистрибуција на облеката до лицата во ризик, лесен пристап до облека со ниски цени за лицата со ниски примања кои не бараат помош, вработување на ранливи целни групи и придонес во зачувување на еко средината.
Личи како секој друг бутик, но овој е сепак малку поинаков
Во центарот на Скопје, кај Црвениот крст, се наоѓа шармантната продавничка Копче. Се работи за облека од втора рака (second hand shop) – облеката ја донираат луѓе и фирми на кои веќе не им е потребна, а со нејзината продажба се одржува продавницата. Во неа и за нејзините потреби работат лица во социјален ризик – самохрани родители, а со средствата од продажбата се покриваат нивните плати, како и сите дополнителни потребни материјали – детергенти, редизајн и поправање на облеката итн.
Кристина Алексова го менаџира Копче и вели дека идеата дошла од интернационалниот Црвен крст. „Отворивме во 2018 година и морам да кажам дека се повеќе стекнуваме популарност и кај оние што купуваат и кај оние што донираат. Во иднина план ни е да отвориме и Мало копче, со облека за деца и бебиња. Црвениот крст секако донира облека на социјално загрозени лица, но со продавницата помагаме и на оние кои работат тука и на оние кои немаат голема куповна моќ или пак не сакаат да земат нешто без пари. Среќни сме дека често ни викаат дека личиме на сосема обичен бутик, само по многу пристапни цени.“