Во екот на Косовската криза во 1999 година, кога доста Роми дошле како избеглици во Прилеп, со цел да им се помогне на социјално загрозените, формирана е организацијата Помош за хендикепирани и сиромашни. Организацијата добила простор – сушара која веќе не била во употреба од Тутунскиот комбинат и ја пренамениле во образовен центар, па со помош на повеќе донатори почнале да работат на поддршка на маргинализирани луѓе во правец на оспособување за пазарот на труд. Години подоцна, со цел да се постигнат поголеми резултати, организацијата, на основа на членот 5 од Законот за граѓански организации, почнува со комерцијални активности каде профитот се реинвестира во мисијата на организацијата. Па така, линијата за пелети која е купена со средства од Австриски донатор, сега произведува 80 тони пелети месечно и вработува социјално загрозени и лица со попреченост.
„Помош за хендикеприани и сиромашни“ покажува дека социјалното претприемништво е решение за социјално ризични групи, исклучени од општеството, додека заштитните друштва се решение за лицата со потешка попреченост
„Целта е да се постигне целосна социјална инклузија на маргинализирани и социјални групи – сакаме да помогнеме да се вклучат на пазарот на труд, не само да се вработат некои од нив кај нас. Затоа, работиме на тоа да имаме понови машини и со основање на еден преквалификувачки центар за образование и обука каде освен средношколци од дрвно и хемиско училиште ќе присуствуват и маргинализирани и социјално загрозени лица кои бесплатно преку соодветни модули ќе се обучуваат за дрвна и рециклирачка област на работење. Тие тука ќе се стекнат со теоретско и практично знаење и ќе имаат можност да добијат валиден сертификат признаен од Министерство за образование дека имаат занимање. Со тоа ќе станат конкурентни на пазарот на труд.“ Жарко Гиновски, претседател на организацијата.
Но креативноста на Организацијата не завршува тука. Имено во разговор со нашата тим лидерка, Барбара Садовска дошле до идеја за преси за балирање на ПЕТ шишиња со кои ќе можат инаку непродуктивниот шестмесечен период во годината да го надполнат со дополнителни активности.