Дали на Северна Македонија ѝ треба Стратегија за социјално претприемништво?
Подготвувањето на стратегија и акциски план за социјално претприемништво за Северна Македонија беше децениски процес чие завршување се чекаше вистинскиот момент, сè до неодамнешното конечно усвојување на Стратегијата во септември 2021 година. Претходно, беа разгледани неколку нацрт-верзии, а последната верзија конечно беше одобрена од Министерството за труд и социјална политика (МТСП).
Некои би можеле да се запрашаат дали на Северна Македонија навистина ѝ се потребни такви стратешки документи, иако мнозинството со ентузијазам го поддржа процесот на нејзино изготвување и усвојување. Усвоената верзија на Стратегијата и вклучениот Акциски план беа подготвени во партиципативен процес и потоа беа преземени од страна на Министерството за труд и социјална политика, при што беа финализирани во соработка со тимот на експерти од ЕУ кои беа ангажирани во рамките на Проектот „Поддршка на социјалните претпријатија“. Стратегијата и Акцискиот план беа финализирани и одобрени во текот на шестмесечен процес со редовни консултации, при што се формираше меѓусекторска работна група во која беа вклучени претставници од различни министерства, невладини организации, социјални претпријатија, академската заедница итн.
Што е предвидено со овие стратешки документи?
Долгорочната визија за поддршка на социјалното претприемништво и развојот на социјалните претпријатија со цел поддршка на социо-економскиот развој на земјата е дека социјалните претпријатија ќе играат важна улога како носители на промените при транзицијата на земјата кон поправедна, поинклузивна, партиципативна, и одржлива економија и општество, особено преку нивниот ангажман во развојот на циркуларна, споделувачка, паметна и зелена економија. Понатаму, социјалните претпријатија ќе имаат место во плуралистичката социјална пазарна економија и се препознаени како пионерски иницијативи на граѓаните и заедниците да вршат дејност за доброто на луѓето и за планетата, а не за придобивките на сопствениците и акционерите. Социјалните претпријатија ќе добијат соодветни и достапни финансиски, материјални, интелектуални или човечки ресурси од низа чинители кои работат во целосно развиен и поврзан отпорен и одржлив екосистем за социјалните претпријатија кои и се вградени во граѓанското општество. Се очекува социјалните претпријатија да поттикнуват и да развиваат социјални иновации и нови форми на пристојна работа и социјална интеграција за обесправените луѓе, да испорачуваат производи и услуги (вклучувајќи и финансиски средства) водени од локалните заедници и граѓаните за остварување социјални, општествени, културни и еколошки цели, ќе придонесуваат за намалување на неформалната работа и ќе обезбедуваат алтернативи за миграцијата на квалификувани и социјално посветени граѓани. Екосистемот за развој на социјалните претпријатија треба да стане издржлив и одржлив, овозможувајќи им на социјалните претпријатија да играат важна улога во општеството и сето ова е во согласност со транзицијата на земјата која има за цел да се интегрира во стратешките рамки и стратегии на ЕУ.
Кои се главните приоритети на Националната стратегија (2021 – 2027)?
- Стратешки приоритет 1: Воспоставување на поволна правна рамка – што ќе значи изготвување и донесување на Закон за социјално претприемништво/претпријатија, усогласување на правната рамка и прилагодување на постојните закони и регулативи за поддршка на развојот на социјалните претпријатија, создавање регистар на социјални претпријатија и подобрување на даночниот третман на социјалните претпријатија.
- Стратешки приоритет 2: Создавање култура за социјално претприемништво и препознавање на социјалните претпријатија – интеграција на поддршка на социјалните претпријатија во секторските политики и стратегии на национално и локално ниво, подигање на свеста и промоција на социјалното претприемништво и социјалните претпријатија кај заедницата на социјалните претпријатија, интегрирање на социјалните претпријатија во образовните програми во формалното (основно, средно и високо образование) и во неформално образование, генерирање, консолидирање и споделување знаења за социјалните претпријатија и нивниот екосистем преку истражување, анализа, статистички податоци, поддршка на социјалните претпријатија за мерење и известување за нивното социјално влијание и усогласување на приоритетните мерки со релевантните политики и програми на ЕУ
- Стратешки приоритет 3: Помош за меѓусебна поддршка, учење и градење капацитети за социјалните претпријатија и другите чинители во екосистемот – основање на ресурсни центри за развој на социјалните претпријатија на национално и локално ниво, подобрување на опсегот и квалитетот на услугите за поддршка на чинителите во еко-системот, градење капацитети на социјалните претпријатија
- Стратешки приоритет 4: Олеснување на пристапот и развивање на пазари за социјалните претпријатија – развој на пазарот на јавни услуги и добра како и на приватниот пазар за социјалните претпријатија, зголемување на видливоста и препознатливоста на социјалните претпријатија на пазарот.
- Стратешки приоритет 5: Олеснување на пристапот до надворешни финансии – пилотирање финансиски инструменти за социјалните претпријатија, активирање на јавни средства за социјални финансиски инструменти, охрабрување на компаниите да користат корпоративна општествена одговорност и да инвестираат во социјални претпријатија, воспоставување шема за инкубирање, развој на ГО, или раздвојување (спин-оф) на социјални претпријатија.
Како ќе се следи спроведувањето на Националната стратегија и Акцискиот план?
Процесот на мониторинг на усвоените стратешки документи ќе се спроведува со изготвување (дво)годишни извештаи за состојбата и развојот на социјалните претпријатија, нивниот екосистем и јавните политики. МТСП ќе има одговорност да ги систематизира информациите за мониторинг генерирани од ресорните министерства и партнерските агенции и да ги презентира на Владата.
Националната стратегија за развој на социјалните претпријатија во Северна Македонија можете да ја најдете на следната врска: МТСП – НАЦИОНАЛНА СТРАТЕГИЈА ЗА РАЗВОЈ НА СОЦИЈАЛНИТЕ ПРЕТПРИЈАТИЈА ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (2021-2027)