ОРГАНО ЛОГИСТИК ќе обезбедува обуки од областа на пчеларството за лица на издржување казна затвор
Преку менторската поддршка од Регионалната Канцеларија за социјално претприемништво од Југоисточниот плански регион, Здружението ОРГАНО ЛОГИСТИК оствари соработка со Затворот Струмица за обезбедување обуки од областа на пчеларството како работна окупација за лица на издржување казна затвор.
За воспоставување на оваа соработка беа заинтересирани и двете организации. Од една страна Здружението, кое истовремено се стреми да прерасне во идно социјално претпријатие, има потреба од работници и од друга страна Затворот, кој обезбедува интеграција и ресоцијализација на лица кои издржуваат затворска казана со полесни кривични дела, едновремено овозможувајќи им квалитетно да го исполнат времето поминато во институцијата.
Меморандумот за соработка го потпишаа двете организации во март 2022 година, а работната пракса официјално започна од 1 април, ќе трае најмалку една пчеларска сезона со можност да се повторува секоја година.
Лицата кои издржуваат затворска казана со полесни кривични дела преку ОРГАНО ЛОГИСТИК учат техники за пчеларење, изработка на дополнителни рамки со восочни основи, рециклирање на восок од сопствено производство, како и косење и хортикултурно уредување на површината околу пчеларникот. Соработка, реализирана со поддршка на Проектот, е добар пример за соработка која има потенцијал да прерасне во пракса, а ќе им овозможи на лицата кои се наоѓаат на издржување на казна затвор да добијат можност да поминат низ процесот на реинтеграција и во исто време да се стекнат со вештини кои би можеле да ги користат по завршувањето на издржувањето на казната.