„Мама Органа“ е еколошка компанија која главно се фокусира на производство на органски ѓубрива и супстрати добиени со повторно искористување на отпадот од храна, а истовремено создава работни можности за самохрани мајки од маргинализирани средини.
Започна со работа во 2017 година, и оттогаш компанијата гласно зборува за компостирањето и за позитивните влијанија од оваа активност! Во текот на изминативе 5 години собра над 200 тони биоотпад и ги претвори во нешто вредно – висококвалитетен компост кој што се користи како основа во сите ѓубрива, супстрати и подобрувачи на почвата кои ги произведува.
Мама Органа произведе и супстрат специјално изработен за сукуленти и кактуси, како и многу други производи!
Но можеби ќе прашате, што е биоотпад?
Биоотпадот, познат и како биоразградлив отпад, е отпад кој главно се состои од органски материи, т.е. отпад од храна. Покрај отпадот од храна, биоотпад може да претставува и зелениот отпад од одржувањето на парковите и зелените површини, како и отпадот од хартија, па дури и од биоразградливата пластика. Биоотпадот обично доаѓа од домаќинствата и се состои од органски материи кои може да создадат јаглерод диоксид, вода, метан, или други органски молекули.
Од приходите остварени од продажбата Мама Органа обезбеди 3 работни места, специјално наменети за граѓани од социјално загрозени категории. Како мал социјален бизнис, компанијата се стреми да ја подигнеме свеста за храната што се фрла и да го намали загадувањето од биоотпад.
Во Скопје годишно се создаваат над 150.000 тони биоотпад кој завршува на Дрисла, од каде се создава загадување на воздухот со испуштање на C02, како и загадување на почвата со испуштање на токсини кои влијаат штетно врз растенијата.
Урбаното компостирање е правецот во кој треба да се движиме!
Тоа може да го намали за половина количеството на комунален отпад, да го намали количеството стакленички гасови што се испуштаат во атмосферата, но и да го поттикне развојот на урбани градини и заедници во соседството.
Тоа е она што Мама Органа, заедно со локалните власти и другите засегнати страни, се стреми да го постигне во следниве години. Мама Органа се стреми кон промени и планира да ја отвори првата голема компостарница во Скопје до април 2022 година, со надеж дека тоа ќе ги поттикне локалните власти да го следат примерот и ќе создадат одржлива мрежа за компостирање биоотпад.