Центарот за рехабилитација на зависници од дрога, алкохол и коцкање – Покров Избор може да се каже дека е едно од првите социјални претпријатија. Неговите почетоци се некаде на крајот на претходното столетие, кога дрогата зема особен замав, па со помош на црквата се отвора овој центар. Тука, се работи на рехабилитација на зависниците, процес кој трае најмалку 18 месеци, а завршува со нивна реинтеграција во општеството.
На луѓето кои станале зависни од нешто им треба голема поддршка
„На луѓето кои станале зависни од нешто им треба голема поддршка – зависноста прави огромна штета на економски, емоционален и здравствен план. Тие се најчесто од дисфункционални семејства, па потребно е да сте со нив и во процесот на рехабилитација, да се вратат во општеството не е едноставно за нив. Работата е клучна за нивната рехабилитација. А со работата си помагаме и во одржувањето на центарот. Но за да опстоите мора да имате многу конкурентни производи, па нашите имаат добар квалитет, за да го задоволат пазарот…“, Сократ Манчев, Покров Избор.
Министерството за труд и социјална политика покрива 70% од трошоците, па се јавила потреба од дополнителни активности за да може да опстои центарот. Па така, на 5 хектари земјиште се одгледуваат различни култури на овошје и зеленчук, а од поново време центарот располага и со сушара за дехидрирани производи. Тука е и брендот Fresh to go, на спремни за јадење салати кои имаат дополнителна вредност и веќе се продаваат во ланци на маркети како што се Веро, Рамстор, Макпетрол… Покров Избор има знак на производите, па кога ги купувате, ја поддржувате и нивната мисија, помогате. Здружението исто така работи и катеринг за Црвен крст, за струмичкиот театар.