Како ја добивме идејата за создавање социјално претпријатие?
ХОПИ Модулар започна како проект на HOPS – Healthy Options Project Скопје, здружение на граѓани кое повеќе од 20 години работи со сексуалните работници и со корисниците на дрога и нивните семејства. Тоа е првата организација во Македонија која работи на инклузија на граѓаните од овие маргинализирани заедници. Идејата зад овој проект е да се отворат работни места, да се поттикне поголема посветеност кај корисниците на дроги и истовремено да се создадат можности за нивна реинтеграција во општеството.
Што е ХОПИ Модулар и какви се неговите производи?
ХОПИ Модулар е социјално претпријатие кое произведува елементи за домот од повторно употребени или висококвалитетни материјали кои можат да се користат повеќепати во иднина.
Нашите елементи го украсуваат просторот и овозможуваат пријатна работна и во исто време релаксирачка атмосфера. Картонските фотелји за повеќекратна употреба се лесно преносливи, многу удобни, минималистички, тренди и достапни. Нашите светилки и лустери се рачно изработени од жените од заедницата.
Како можеме да ги активираме луѓето кои се поранешни зависници?
Преку ХОПИ Модулар, ХОПС има цел да активира луѓе од заедницата кои придонесуваат за креирање позитивни политики и стратегии за успешна рехабилитација и реинтеграција преку обезбедување инклузивни работни места. Од своите почетоци, компанијата вклучува луѓе од заедницата кои се корисници на ХОПС.
За потребите на компанијата, лицата произведуваат елементи за финалните производи – се вклучуваат во производниот процес или можат да стекнат знаење што ќе придонесе за нивна конкурентност на пазарот на трудот, при што истовремено социјалното претпријатие обезбедува работни места.
Како го рециклираме и повторно користиме отпадот од хартија за создавање одржливи производи?
Сите произведени елементи се веќе корисни и сигурно ќе им биде дадена втора шанса да бидат корисни и да ги надминат очекувањата за нивната вредност. Создаваме работни елементи кои придонесуваат за прочистување на воздухот во просторијата и нудат релаксирачки зелен декор, доближувајќи нè до природата преку живите растенија.
Повторната употреба на материјали како картон и отпад од хартија, од кои се изработени некои од производите симболично асоцираат на повторната употреба на вештините што луѓето од оваа заедница ги имаат, но можеби биле заборавени поради нивната маргинализација. Преку оваа симболика, нашето претпријатие мотивира и поддржува преквалификација, усовршување и надградба на вештините и знаењата за поголема конкурентност на пазарот на трудот на зависниците од дрога, интегрирајќи ги во општеството и создавајќи нови можности за работа.
Колку е важно да се вработат луѓе од маргинализираните заедници?
Претпријатието вработува луѓе од маргинализираните заедници, со што целиот процес на реинтеграција е многу полесен, а со тоа се обезбедуваат одржливи решенија за долгорочна поддршка и бесплатни услуги што е од големо значење за корисниците на ХОПС.