Хуманитарната организација Operation Mercy (Милосрдие) е основана од човек од австралиско потекло и работи со маргинализирани групи во повеќе земји од светот.
Милосрдие има два проекти – еден Hope and Health (здравје и надеж) кој има за цел да им помогне на оние со здравствен проблем, и друг со кој се градат капацитети на жени во насока на создавање сопствен бизнис. Се работи за активности во кои фокусот е на жени кои од одредени причини немале можност да се стекнат со образование ниту со искуство од пазарот на труд, па тука добиваат вештини за понатаму да можат да отворат сопствен бизнис.
Ова е малку поинакво социјално претприемништво – каде не самата организација, туку оние кои се обучуваат имаат економска активност како на пример фризер, шминкер, шивачки салон или пак подготовка на слатки па на некој начин тие самите создаваат социјално претпријатие. Антоние Недановска која го менаџира проектот вели дека до сега низ обуки поминале околу 50 жени, најмногу од населбите Чаир, Гази Баба, Шутка, Топаана…
Ова е малку поинакво социјално претприемништво – каде не самата организација, туку оние кои се обучуваат имаат економска активност, па на некој начин тие самите создаваат социјално претпријатие
„Некои од жените кои ги обучувавме немаат ни основно образование, некои се самохрани мајки, или такви со болни сопрузи, или пак сопругот им починал, некои се сиромашни или пак поминале низ некаква траума – немале можност да учат, да се стекнат со вештини. Но сега се стекнуваат со занает и можат да отворат бизнис сами или здружени. Не ретко тие се здружуваат во процесот, па работат и заедно. Веќе имаме една што отвори фризерски салон, една слаткарски, а очекуваме и други. Ние им помагаме и во тоа – да ги вмрежиме, да им дадеме морална поддршка, да ги поддржиме за меки и животни вештини… Жените се многу важен дел од општеството. Јас често велам: здрава жена, здрава мајка, здрава сопруга – здраво општество“ нагласува Антоние Недановска, раководител на проектот.
Следно ќе биде и работа насочена кон мажите вели Антоние, преку берберски вештини на пример, која ја потенцира работата и со институциите, пред се со општините, со локалните училишта но и со Агенцијата за вработување каде имаат организирани обуки.