Кои се Ин Виво?
Тие се група од седум ентузијасти со различни професии, чии различните искуства ги мотивирале да создадат здружение кое ќе придонесе за достоинствени социо-економски услови и инклузија за ранливите групи во сите сфери на живеењето.
Организацијата за социјален и економски развој ИН ВИВО Скопје е основана во август 2018 година, со цел да овозможи подобрување на учењето, работата и животната средина во нашата земја. ИН ВИВО главно се фокусира на обезбедување помош за (повторно) интегрирање на социјално и професионално исклучени лица, и им обезбедува поддршка се до моментот кога ќе можат сами да продолжат понатаму.
Со што се занимава организацијата?
Една од главните цели на здружението е да развијат повеќе модели на социјално претприемништво во кои би биле ангажирани маргинализираните групи граѓани, меѓу кои и бездомните лица. Исто така, спроведуваат активности за неформално образование за занимања кои се барани на пазарот на трудот, а соработуваат и со други здруженија, социјални претпријатија и социјално одговорни бизниси од земјата и од странство.
Генерално, ИН ВИВО ги надминува типичните пристапи во работењето на граѓанските организации со тоа што:
- Се обидува да добие хибридно финансирање за активностите на Организацијата (голема посветеност во обезбедувањето на сопствени предвидливи приходи и транспарентен и професионален однос кон сегашните донатори).
- Своите активности ги насочува кон луѓе со помалку можности кои сакаат да го променат својот социјален и финансиски статус.
- Поттикнува јасна комуникација за рамнотежа помеѓу човековите права и обврски.
- Поддржува реинтеграција од 360º на луѓето кои имаат специфични потреби (образование, вработување, здравствена заштита, домување).
- Воведува повеќеслојни иницијативи, ја комбинира поддршката за отуѓени лица со неформално образование, развој на руралните области, зелена економија, промоција на локалните традиции.
Проект ЈОДА
Преку проектот ЈОДА, организацијата обезбеди едукација и вклучување во социјално претприемачки активности и производството на биохумус за бездомни лица од Скопскиот регион. Крајна цел на оваа програма е да ги препознае маргинализираните кои што сакаат да го подобрат својот општествен и материјален статус, и да ги зголеми шансите за нивна одржлива реинтеграција во сите сфери на општественото живеење. Во проектот се вклучени бездомни лица предложени од пунктот на Црвен Крст, лоциран во Момин Поток – Скопје.
Организацијата го спроведува и проектот HOPE (Help to People Empowerment), со идеја да им помогне на лицата од маргинализираните категории да ги развијат својата креативност, талент и уметнички вештини, преку уметноста да се поттикне и помогне нивната социјалната вклученост во сите сфери на општественото живеење, и да се промовира социјалното претприемништво и одржливата реинтеграција на лицата со помалку можности.
Плановите на ИН ВИВО за следниот период опфаќаат проширување на активностите на национално ниво, зголемување на соработката со релевантни владини тела со тоа што ќе станат нивен социјален партнер, привлекување на вниманието на традиционалните бизниси со висока корпоративна општествена одговорност, воспоставување цврста врска со големите меѓународни донатори кои работат во нашата земја.
Повеќе за организацијата на https://www.invivo.mk/