На 19 ноември 2021 година, на свечена церемонија во присуство на Министерката за труд и социјална политика, г-а Јагода Шахпаска, Вицепремиерот за економски прашања, г. Фатмир Битиќи, и Раководителот на Секторот за соработка при Делегацијата на Европска Унија, г. Штефен Худолин, во Скопје беше отворен Националниот центар за поддршка на социјалните претпријатија.
Националниот центар за поддршка на социјалните претпријатија претставува важен дел од низата активности во рамки на проектот „Поддршка на социјалните претпријатија“ финансиран од Европската Унија, со цел создавање поволни услови за развој и поддршка на социјалното претприемништво како начин за зајакнување на локалните заедници.
Зедно со осумте Регионални центри за поддршка на социјалните претпријатија распоредени во сите плански региони на земјата, Националниот центар во Скопје е дел од мрежата на заемна соработка за развој на социјалното претприемништво која отвора можности за соработка со општините, компаниите, граѓанското општество и со граѓаните, во насока на поттикнување и развој на идни иницијативи за развој на заедниците.
„Искрено ви честитам на сите што бевте вклучени во отворањето на Центарот. Сите институции покажаа кохезија и соработка за да овозможат услови за работа и да ја намалат нееднаквоста. Нашата социјална економија е во суштина хумана економија која нè штити од големите животни ризици, болести, несреќи и сиромаштија... Со овој центар се создаваат можности за раст, развој и поддршка на социјалните претпријатија во Северна Македонија.“
Центарот е предвидено да функционира како инкубатор за поддршка на постојните и на новите социјални претпријатија и на граѓанските организации кои имаат економска дејност. Претпријатијата, организациите, иницијативите и граѓаните ќе имаат на располагање широка палета на услуги и активности, како на пример, работилници за размена на искуства и знаење, директна поддршка за градење капацитети, формално и неформално образование и обука, деловна обука, менторство, организација на настани, и други услуги.
„Ми претставува особена чест да го одбележам отворањето на првиот Национален центар за поддршка на социјалните претпријатија кој ќе поттикне отворање нови претпријатија и поддршка на постојните, во насока на решавање на клучните предизвици на локално ниво поврзани со сиромаштијата, невработеноста и други социо-економски прашања кои се однесуваат на интеграцијата на ранливите категории граѓани.“
Корисниците на Центарот (организации, социјални претпријатија, институции и поединци) на дневна основа ќе добиваат насоки, совети и помош за практични прашања и предизвици, како што се: собирањето средства, регистрирањето компанија, можностите за вмрежување, деловниот развој, аспектите за вработување, набавките, градењето партнерства, достапната финансиска поддршка, маркетинг и друго.
Погледнете ја позитивната атмосфера од отворањето на Националниот центар: